Денес се навршуваат 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје!

Loading...

Пред точно 55 години, на денешен ден се случи катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во кој имаше повеќе од 3000 повредени и 1070 загинати луѓе.

Земјотресеот го разурна градот во 5 часот и 17 минути, а помали потреси се чувствуваа до 5 часот и 43 минути. Како резултат на тоа, беа урнати 15 800 станови, а оштетени 28 000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Градоначалникот Петре Шилегов синоќа во Галеријата на графити во Градскиот трговски центар присуствуваше на главниот настан во рамките на манифестацијата „Скопје зборува“ (23-26 јули) која ја одбележува 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес.

„Во само едно деноноќие на 26 јули 1963 година отсликана е сета егзистенцијална, лична и колективна драма која сведочи за трагиката на човековото постоење. Оттука, да се зборува за кобниот 26 јули 1963 година прераснува не само во носталгија по старо Скопје туку и во етички императив кој и денес е дел од животот во градот. Посакувам никогаш повеќе градот Скопје да не се бори со природни катастрофи од вакви размери, како што беше земјотресот од 26 јули 1963 година. Да шири оптимизам и да настојува во нашата средина да завладее еден поинаква перцепција на нештата кои се нераскинлив дел од развојот на овој град. Од денешна перспектива, градот Скопје е потврда на кажаново, а воедно е и голем поттик и обврска на сите нас заедно, да го чуваме и да го сакаме нашиот град“, изјави Шилегов.

По катастрофалниот земјотрес први кои им пристигнале на помош на скопјани биле граѓаните од поранешните југословенски републики, а веднаш потоа почнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет.

„Во реализацијата на широката програма од акции, суштествени за изградбата на Скопје, својата помош ѝ ја обзнанија сите оние домашни и меѓународни сили, хуманитарни организации, исклучителни личности кои го почитуваа Скопје, сочувствуваа со катастрофата и сакаа да придонесат разрушеното Скопје повторно да се роди. 87 нации испратиле најразлична помош и помогнале во изградбата на новото Скопје – ’Градот на солидарноста’. По земјотресот новото Скопје со својата култура, урбано-економска, географско-просторна, демографска и културолошка специфичност, станува модерен град“, нагласи Шилегов.

Во своето обраќање, Шилегов ги повика скопјани, како жители на Градот на солидарноста, да бидат хумани и да донираат помош за настраданите во соседна Грција.

Сите настани од манифестацијата „Зборува Скопје“ се тематски врзани со скопскиот земјотрес и претставуваат извесно видување на овој настан од 26 јули 1963 година, низ очите на младите уметници и нивното реконструктивно доживување на оваа трагедија.

Loading...

Comments are closed.