Home Култура Светска премиера на документарниот филм „Тело“ на Петра Селишкар на Сараево филм фестивал

Светска премиера на документарниот филм „Тело“ на Петра Селишкар на Сараево филм фестивал

0
Светска премиера на документарниот филм „Тело“ на Петра Селишкар на Сараево филм фестивал

Долгометражниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката Петра Селишкар ќе има светска премиера во официјалната програма на 29. Сараево филм фестивал. Филмот ќе се натпреварува за наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм со уште 20 наслови, селектирани од Рада Шешиќ. Фестивалот ќе се одржува од 11 до 18 август.

„Тело“ опфаќа две декади од необичниот живот на Уршка, блиската пријателка на Селишкар, која се бори со ретки автоимуни болести. Некогаш манекенка, а денес професионална пијанистка, Уршка се соочува со огромен број предизвици, но никогаш не го губи својот нескротлив дух. Филмот е спој на интимни разговори, лична архива и креативна визуализација, кој ги истражува мистериите на човечкото тело и моќта на уметноста и пријателството да допре до неговата суштина.

На документарниот филм „Тело“ работеле кинематограферот Бранд Ферро како директор на фотографија, монтажерите Сашко Потер Мицевски и Сандра Басташиќ, композиторот на музиката Владимир Ракиќ и како дизајнери на звук Владимир Ракиќ и Вера Галешев.

Филмот е во продукција на Петра Селишкар со „Петра Пан Филм“ од Словенија,  копродукција на Сара Ферро од македонска продуцентска компанија ППФП  и Тамара Бабун од „Волфганг и Доли“ од Хрватска. Придружен продуцент е Виктор Еде од „Синефаж продукција“ од Франција.

-Филмот е копродукција помеѓу Словенија, Хрватска и Северна Македонија со поддршка од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Агенција за филм на Република Северна Македонија, „Еуримаж“, Програмата Медиа на „Креативна Европа“, Pегионот Прованса-Алпи-Азурен Брег. Светски дистрибутер на филмот е „Лајтдокс“ (Lightdox), известуваат од ППФП.

Петра Селишкар (родена 1978 г. во Љубљана) е режисерка, продуцентка и сценаристка. Има способност јасно да ја види суштината во скриените детали, а преку нив и суштината на уметноста, културата, природата и сите аспекти на животот. Затоа таа го посветува нејзиното време на оваа планета на малите животни задоволства, и секако, на документарниот филм. Како режисерка и сценаристка ги потпишува документарните филмови „Збогување“, „Мојот превртен свет“, „Мама Европа“, „Бабички на револуцијата“, а има и повеќе остварувања каде се појавува како продуцент.