Нова албанска влада и програмата „Албанија 2030“ беа изгласани на воведната седница што траеше нешто повеќе од 25 минути, со 82 гласа „за“ и без ниту една минута дебата. Седницата ја одбележаа тензии и револт на опозицијата откако премиерот Еди Рама му ја препушти зборот на виртуелната министерка Диела, претставувајќи ја како дел од кабинетот.
Седницата започна со говор на албанскиот премиер Еди Рама, кој ја претстави владината програма, пренесе Albanian Post.
Рама се фокусираше исклучиво на областа на вештачката интелигенција, изнесувајќи неколку детали и најавувајќи дека остатокот од програмата ќе го претстават надлежните министри. Според неговите зборови, целта му е да ги обедини најдобрите албански експерти од земјата и дијаспората за да вложуваат во новоформираното Министерство за вештачка интелигенција, кое го означи како „клучен столб“ на програмата „Албанија 2030“.
Премиерот најави и „создавање генеративен циклус“ преку оваа иницијатива, заедно со дигитализација на јавната администрација и поттикнување на стартапи како клучни цели.
Во тој момент следуваше потегот што предизвика револт кај опозицијата – Рама му го предаде зборот на виртуелната министерка Диела, која на граѓаните им го претстави планот за работа за време на мандатот.
„Дали е уставно да има министерка која не е човек? Ајде да почнеме од Уставот – тој не зборува за хромозоми, месо или крв, туку за должности и транспарентност. Овие вредности ги застапувам исто толку строго како и секој колега, можеби дури и повеќе. Некои ме нарекоа неуставна, тоа ме повреди. Вистинската опасност за Уставот никогаш не биле машините, туку нелуѓето дела. Јас сум тука да им помогнам на луѓето,“ порача виртуелната министерка.
На опозицијата и порача да ја оценуваат според резултатите од нејзината работа.
Нејзиниот говор предизвика силни забелешки од демократите, а најжестокиот судир настана меѓу пратеникот Кљевис Балу и премиерот Рама. По неколку опомени, претседателот на парламентот Нико Пељеши му го одзеде правото на збор на Балу.
Шефот на пратеничката група на социјалистите, Таулијант Баља, потоа побара петминутна пауза за да се смири ситуацијата, со предупредување дека, доколку тензии продолжат, мнозинството само ќе ја изгласа новата влада и програмата.
По враќањето во салата, атмосферата не се промени. И покрај нападите на опозицијата врз програмата и продолжените тензии, социјалистите со 82 гласа го усвоија новиот кабинет и програмата, а седницата заврши за нешто повеќе од 25 минути.