24/11/2024
ПочетнаUncategorizedСунак во Северна Ирска по новиот договор со ЕУ

Сунак во Северна Ирска по новиот договор со ЕУ

Британскиот премиер Риши Сунак пристигна денеска во Северна Ирска за да ја увери тамошната страна да го прифати договорот склучен со Европската унија за траен статус на таа британска покраина по Брегзит.

Европската унија и Велика Британија вчера постигнаа договор за спроведување на Протоколот за Северна Ирска, а според Сунак и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тоа е нов „историски“ договор за Северен Ирска, што отвора ново поглавје во меѓусебните односи.

Познат како „Виндзорска рамка“, двете страни сметаат дека договорот обезбедува долгорочни решенија за кои се верува дека функционираат за сите луѓе и компании во Северна Ирска.

„Тој договор ќе значи огромна разлика за претпријатијата и луѓето во Северна Ирска. И тоа е она за што ќе разговарам со луѓето денес. Ќе ги слушам и ќе објаснам колку тој договор е позитивен за нив“, рече Сунак за Би-Би-Си.

„Виндзорската рамка“ треба да овозможи уште побрза трговска размена со Северна Ирска, во споредба со поранешниот северноирски протокол, за кој Борис Џонсон преговараше во 2020 година.

Протоколот за Северна Ирска е дел од договорот за излез на Велика Британија од ЕУ.

Тој предвидува Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство, да остане дел од единствениот пазар на ЕУ за да не се загрозат резултатите од мировниот договор постигнат на Велики петок 1998 година.

Тој договор ги укина граничните контроли на островот Ирска, меѓу Северна Ирска и Република Ирска.

Откако Лондон се одлучи за т.н „тврд Брегзит“, што подразбира напуштање на единствениот пазар и царинската унија, требаше да најде решение за Северна Ирска.

Сепак, протестантските, унионистички партии во Северна Ирска не се задоволни од усогласениот Протокол, бидејќи тој договор предвидува царински контроли за трговијата на стоки од Велика Британија во Северна Ирска за да не се наруши интегритетот на единствениот пазар.

Сунак рече дека „Виндзорската рамка“ ќе овозможи непречена трговија меѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ