Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес оствари значајна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Михалис Рокас. Разговорот беше фокусиран на значењето на неодамна усвоените четири реформски закони, кои се клучни за изградба на праведна, професионална и департизирана јавна администрација. Станува збор за Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници и Законот за инспекциски надзор.
Министерот Минчев го информираше амбасадорот Рокас за следните чекори кои ќе обезбедат доследна и ефикасна имплементација на законите, преку транспарентен процес и силен политички и институционален ангажман. Дополнително, беше најавена подготовката на нов пакет реформски закони, кој има за цел да го заокружи процесот на стратешка трансформација на јавната администрација. Во фокусот се Предлог-законот за систем на плати, Предлог-законот за високо раководна служба и Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Амбасадорот Рокас го поздрави донесувањето на новите закони и го истакна нивното значење како позитивен показател за посветеноста на државата кон европските стандарди во управувањето. Тој ја изрази поддршката на Европската Унија за новиот реформски циклус и ја потенцираше важноста од доследна и транспарентна имплементација, во согласност со принципите на добро управување.
Министерството за јавна администрација и Делегацијата на Европската Унија ја потврдија својата заедничка заложба за континуирана и стратешка соработка, насочена кон создавање ефикасна, отчетна и граѓански ориентирана јавна администрација.