Владата го утврди текстот на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми.
Меѓу клучните цели на измените и дополнувањата е поддршка на националните весници кои имаат сериозни проблеми со големите трошоци за печатење и дистрибуција, како последица на високата цена на хартијата и на зголемувањето на цените на горивата, а имајќи предвид дека медиумите имаат голема улога во развојот на демократските капацитети на државата, унапредувањето на економијата, развојот на етичките норми и стандарди на новинарството, придонесот кон отворање дебати за прашања од јавен интерес.
Со измените и дополнувањата, како што е образложено од предлагачот, Министерството за информатичко општество и адиминистрација, се уредуваат: еднократна финансиска помош што печатените медиуми би ја добивале од страна на Владата на Република Северна Македонија; начинот на објавување на јавниот повик до печатените медиуми, како и процентуалниот износ којшто Владата ќе го покрие во делот на трошоците за печатење и дистрибуција на весниците; правото на учество и условите коишто треба печатениот медиум да ги исполнува; а се предвидува и основање Комисија којашто е надлежна да одлучува по однос на поднесените барања.
Владата и досега ги поддржуваше печатените медиуми преку донесување Програма за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми. Но, со денеска утврдениот текст на Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми, ова прашање се предлага да се уреди преку системско решение, како дел од Законот за медиуми. Предлог текстот се испраќа на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.
Владата на денешната седница донесе и одлука да огласи како ништовни – одлуки, коишто, според информацијата од дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, се донесени еднострано, односно само од министерот за труд и социјална политика.
Станува збор за поништување на решение за разрешување директор на ЈУ Центар за социјална работа – Кочани и за именување нов в.д. директор на оваа установа, на што Владата има право, како второстепен орган, согласно Законот за општа и управна постапка.
Согласно Законот за Влада на Република Северна Македонија, дополнителниот заменик на министерот за труд и социјална политика, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и потпишува сите акти и документи. А, ако актот или документот е одобрен, т.е. потпишан само од едното лице, се смета дека не произведува правно дејство.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за одбрана, за донесување Одлука за формирање Управен комитет за спроведување на поддршката на Република Северна Македонија како земја домаќин и донесе ваква Одлука.
Република Северна Македонија, како што е посочено во Информацијата од ресорното министерство, почитувајќи ги обврските од членството во НАТО, потребно е да воспостави национален систем за Поддршка од земја домаќин, што подразбира создавање услови за непречен престој, изведување на операции или транзит на сојузничките сили низ територијата на Република Северна Македонија.
Правилното функционирање на системот за ПЗД е од клучно значење за одбраната на земјата и кредибилитетот на државата како сојузник и партнер.
За почеток е идентификувана потребата од донесување на Упатство за поддршка од земја домаќин, со што ќе се воспостави систем на активности во поддршка на НАТО и партнерите на територијата на Република Северна Македонија.
Според Упатството, НАТО/ЕУ силите ја користат ПЗД како извор на снабдување со стоки и услуги, коишто земјата домаќин ги обезбедува врз основа на националното законодавство, националните приоритети и актуелните можности.
За сето ова да се реализира, потребно е формирање Управен комитет за спроведување на поддршката на Република Северна Македонија како земја домаќин.
Владата ја разгледа и усвои и Информација од Министерството за одбрана за потребата од доделување на договор влада со влада, за набавка на преносливи системи за противоклопна борба, со склучување на договор помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави. Притоа е утврден усогласен текст на амандман кон Писмото за понуда и прифаќање (Amendment 1 to Letter of Offer and Acceptance ) MK-B-UCF JAVELIN – JLTV, помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави.
Со денешната владина одлука е продолжена веќе започната постапка за набавка на преносливи системи за противоклопна борба, наменети за пешадијата од составот на лесната пешадиска баталјонска група. А, одлуката е во насока на определбата за Министерството за одбрана за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија за постигнување целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО и во тие рамки опремување на лесната пешадиска баталјонска група со современа борбена техника, односно лесни оклопни возила на тркала, што како проект е предвидено да се реализира во периодот од 2019 – 2027 година.