09/03/2026
ПочетнаЕкономијаШтип станува регионален центар за иновации преку заедничка иницијатива на бизнисот, науката...

Штип станува регионален центар за иновации преку заедничка иницијатива на бизнисот, науката и локалната власт

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, официјално ја потпишаа Иницијативата за основање Иновациски центар во Штип. Овој стратешки чекор има за цел да го поттикне претприемништвото кај младите и да овозможи развој на нови бизниси преку системска поддршка од академската заедница, локалната самоуправа и бизнис-секторот. Со оваа соработка се отвора реална можност за задржување на младиот и образован кадар во регионот преку создавање на конкурентни компании со потенцијал за настап на меѓународниот пазар.

Претседателот Азески истакна дека иницијативата е од исклучително значење бидејќи се реализира во соработка со Универзитетот кој прв ги препознава и следи потребите на бизнисот преку своите истражувачки центри. Тој посочи дека Штип е центар на Источна Македонија и докажана индустриска база со голем број домашни компании и развиени деловни капацитети, вклучувајќи го и секторот рударство. Иновацискиот центар ќе претставува модел за поврзување на науката со практичната примена во стопанството, потврдувајќи ја подготвеноста на Универзитетот за трансформација на образованието во насока на потребите на пазарот.

Ректорот Мираковски нагласи дека овој заеднички напор ќе им овозможи на студентите директно, со поддршка на бизнис-заедницата, да креираат сопствени бизниси и да се ангажираат професионално во државата. Градоначалникот Јорданов додаде дека иницијативата е клучна за подобрување на условите на пазарот на труд и капитал, најавувајќи постепена промена на регионалната економија од традиционална трудо-интензивна индустрија кон сектори со поголема додадена вредност, иновативни решенија и технолошки напредок. Членовите на Управниот одбор на Комората исто така дадоа поддршка, оценувајќи го овој процес како почеток за создавање поквалитетен кадар кој ќе одговори на современите потреби на стопанството.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ