09/03/2026
ПочетнаМакедонијаЗНМ и УНДП ги доделија наградите за најдобри новинарски стории за загадувањето...

ЗНМ и УНДП ги доделија наградите за најдобри новинарски стории за загадувањето на воздухот за 2025 година

Здружението на новинарите на Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации и со финансиска поддршка од Шведска, денеска свечено ги додели наградите за најдобри новинарски стории на тема „Справување со загадувањето на воздухот – јакнење на јавната свест за проблемите и можните решенија“. На јавниот конкурс пристигнаа вкупно 20 трудови, а за најдобрите одлучуваше комисијата составена од новинарите Соња Петрушевска, Един Растодер и Горан Момировски.

Првата награда му припадна на Михаил Милошевски од „360 Степени“ за неговата сеопфатна видео-сторија која низ едногодишни мерења и мостри ги откри изворите на загадување во пет градови, нудејќи јасни насоки за нивно надминување. Втората награда ја доби Бојан Блажевски од „Призма“ за истражувањето посветено на македонската депонија со фосфогипс, кое со богата документација придонесе за поголема отчетност на институциите. Третата награда му беше доделена на Владимир Калински од „Радио Слободна Европа“ за сторијата „Секој здив боли“, која преку лична приказна ја прикажа емотивната и здравствената димензија на овој горлив проблем. Дополнително, беше доделено и посебно признание на Орце Костов од „Фокус“ како поттик за понатамошна истражувачка работа во областа на животната средина.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека новинарите со својата темелна работа успеваат да ги хуманизираат последиците од загадувањето, претворајќи ги приказните во повик за акција. Амбасадорот на Шведска, Ола Сулстром, ја нагласи улогата на професионалното новинарство како клучен столб на демократијата, додека постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, посочи дека ваквите награди поттикнуваат решенија засновани на податоци и факти.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ