Вчеравечер во Македонскиот народен театар на свечената академија по повод одбележувањето на националниот празник на Србите во Македонија, празникот Свети Сава, за прв пат присуствуваше Вучиќ, а беа присутни и македонскиот претседател Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Вучиќ во својот говор истакна дека Македонците се најблизок народ на Србите и повика на многу поголема соработка.
– Ние немаме поблизок народ од македонскиот и тоа јасно го кажувам пред целата српска и македонска јавност. Ние ништо не бараме од вас и немаме никакви услови за било што. Ништо не очекуваме и единствено што би сакале е да имаме подобри и поблиски односи. Ние не ви бараме никакви промени на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа. Ние не ви бараме ништо и единствено од вас очекуваме и се надеваме да ја прифатите нашата братски пружена рака. Немаме ниту еден меѓусебен проблем, рече Вучиќ.