„Се наоѓаме во опасен момент од нашата историја. По децении на зголемена глобална интеграција, постои зголемен ризик светот да се подели на ривалски економски блокови. И тоа е сценарио кое би било лошо за сите, вклучително и за луѓето во Европа“. Ова синоќа го соопшти Кристалина Георгиева, претседателка на Меѓународниот Монетарен фонд, во своето обраќање насловено како „Обединети против фрагментираниот свет“ одржан на Економскиот форум во Брисел во Белгија.
Таа додаде дека овој ризик се зголемува во време кога глобалниот раст е слаб според историските стандарди – и на блиска и на среден рок. „Проектираме дека глобалниот раст ќе остане околу 3 проценти во следните пет години – нашата најниска среднорочна прогноза од 1990 година. А сепак, централните банкари не можат да ги тргнат очите од топката додека тврдоглавата инфлација не биде цврсто под контрола. Потребното монетарно затегнување влијае на растот и открива некои финансиски ранливости. Згора на тоа, геоекономската фрагментација ризикува да фрли студена вода врз веќе ослабениот глобален раст“.
За да се постигне силно закрепнување на глобалната економија, Кристалина Георгиева, управен директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), повика на избегнување на протекционизмот. „Еден од најитните чекори кон силно закрепнување вклучува избегнување на искушението на нова форма на протекционизам“, рече Георгиева во својот говор.
Протекционизмот, кој вклучува владини политики кои ја ограничуваат меѓународната трговија за да им помогнат на домашните економии, стана контроверзна тема во последниве години во билатералните трговски односи на земјите.
Терминот оттогаш е синоним за влошените трговски врски меѓу САД и Кина, двете најголеми економии во светот, откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп на почетокот на 2018 година почна да воведува царини за многу стоки увезени од други земји и обвинувајќи Пекинг за нефер трговски практики.
Георгиева во својот говор истакна дека заживувањето на мултилатералната соработка е од суштинско значење за долгорочниот раст ширум светот, особено во периодот по пандемијата кој предизвикува прекини во синџирот на снабдување и војната на Русија против Украина, што ја зголемува загриженоста на инвестициските одлуки на земјите.
„Земено заедно, овие трендови создаваат пофрагментиран свет со реални економски трошоци“, рече Георгиева, додавајќи дека фрагментацијата на трговијата може да чини до 7 отсто од глобалниот БДП на долг рок, според истражувањето на ММФ.
„Ако се додаде технолошко раздвојување, некои земји би можеле да забележат до 12 отсто загуби од БДП“, истакна таа.
Шефот на ММФ, дополнително, рече дека нивното монетарно затегнување, со цел да се намали тврдоглавата инфлација, исто така влијае на глобалниот економски раст и предизвикува одредени финансиски ранливости.
Георгиева повика на структурни реформи и инвестиции во луѓето, технологијата и иновациите со цел да се подобри образованието, да се зајакнат пазарите на трудот, да се модернизираат мрежите за социјална заштита и да се засилат климатските активности за да се обезбеди одржливо закрепнување.