25/11/2024
ПочетнаUncategorizedДесетици илјади луѓе повторно протестираа во Тел Авив против реформите во судството

Десетици илјади луѓе повторно протестираа во Тел Авив против реформите во судството

Повеќе од 160.000 луѓе синоќа повторно излегоа на улиците на Тел Авив во знак на протест против контроверзните судски реформи на израелската десничарска верска влада, јави ДПА. Според медиумите, протести имало и во други израелски градови. Државата е потресена од масовни протести околу четири месеци откако владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху ги објави контроверзните планови за реформи.

Критичарите велат дека со реформите во судството, владата се обидува да го ограничи влијанието на Врховниот суд на земјата и да ја прошири својата моќ. Меѓу другото, владата ќе добие повеќе овластувања за именување судии, а Парламентот ќе може да ги поништи одлуките на Врховниот суд со просто мнозинство.

По широкото противење од граѓанското општество, како и од редовите на владата и војската, на крајот на март Нетанјаху го одложи разгледувањето на законот за неколку недели за да се овозможи „простор за дијалог“.

Сепак, опозицијата е скептична дека власта ќе постигне компромис. Досега е постигнат мал напредок во преговорите.

Критичарите сметаат дека постои закана за поделба на власта и предупредуваат на криза во државата доколку се спроведат реформите. Некои набљудувачи стравуваат дека владата може да се обиде да ја забрза реформата преку парламентот, кој треба повторно да се состане денеска за почеток на летната сесија.

Сепак, според пишувањата на медиумите, владата сака да го донесе буџетот за оваа и следната година пред да преземе дополнителни чекори за слабеење на судството. Доколку тоа не се постигне до 29 мај, ќе треба да се распишат нови избори.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ