Од утре и до крајот на мај ќе трае електронското запишување ученици во прво одделение во учебната 2023/2024 година. Уписот е преку порталот uslugi.gov.mk каде што родителите/старателите треба да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, се одредува термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето.
Условите за запишување прваче се да има наполнето шест години до крајот на календарската година, да биде доставена потврда за примените задолжителни вакцини за детето, како и потврди за офталмолошки и стоматолошки прегледи издадени од надлежни установи.
По исклучок, детето може да се запише во прво одделение доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот, односно старателот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.
Родителот, односно старателот, има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување или доколку ученикот од другиот реон или општина нема можност за следење на наставата на својот мајчин јазик во својот реон односно општина.
Оваа дигитална услуга преку порталот uslugi.gov.mk МОН ја воведе пред две години за упис на првачињата во учебната 2021/2022 година