Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
Почитувани,
Дозволете ми на сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар да им го честитам најголемиот христијански празник – Велигден.
Годинава Велигден се празнува во време на голема неизвесност и на човечки страдања предизвикани од бројни кризи, воени жаришта, елементарни непогоди и социјални неправди. Особено се погодени најранливите меѓу нас.
Велигденската порака нѐ поттикнува, да се поистоветуваме со оние коишто страдаат и со длабока хуманост, солидарност и со емпатија да се застапуваме за мир, за социјална правда и за општество со еднакви можности за сите. Повикани сме да ги поткрепиме оние на коишто им е најпотребна помош, бидејќи малите чекори на добрина можат да направат големи промени во заедницата.
Христос воскресна!
Навистина воскресна!