Катар ќе одвои 60 милиони долари за поддршка на својата програма за најнеразвиените земји, соопшти денеска емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани. Од оваа сума, 10 милиони долари се за поддршка на имплементацијата на мерките од Акциската програма во Доха во корист на најмалку развиените земји, а 50 милиони долари се за постигнување на планираните резултати во програмата и за зголемување на стабилноста во овие земји, рече емирот на отворањето на Петтата конференција на Обединетите нации за најмалку развиените земји во главниот град на Катар.
Ал Тани ја повика меѓународната заедница да го следи примерот на Катар и да „преземе иницијатива“ да ја потпомогне програмата на Доха, нарекувајќи го тоа „хуманитарен долг“ кон народите на најнеразвиените земји.