Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска ја пушти во употреба автопатската делница Пресека–Песочани, дел од автопатот Кичево–Охрид, кој долго време беше запуштен и заглавен. Со овој настан, како што истакна премиерот, се враќа вербата дека државата може да функционира и да испорачува резултати кога се работи со чесност, одлучност и одговорност.
Мицкоски потенцираше дека автопатот кој со години претставуваше симбол на застој, неисполнети ветувања и нефункционални институции, денес стана симбол на новото време во кое Владата работи посветено за вистински промени. Само една година по преземањето на владината одговорност, успеа да се откочи проект кој седум години тапкал во место.
Премиерот подвлече дека секој метар од оваа нова делница е резултат на напорна работа и јасна волја за напредок. Тој најави дека веќе следната година целосниот автопат Кичево–Охрид ќе биде завршен и ставен во функција, што ќе претставува планиран и остварен успех, а не случајност.
Паралелно со овој проект, низ државата се реализирани и други капитални инфраструктурни зафати, како нови експресни патишта, реконструкции на значајни регионални патишта и интензивирање на работите на други делници од Коридорот 8. Мицкоски спомена дека проектите како експресниот пат Градско–Прилеп, делницата Дреново–Фариш, патот Ранковце–Крива Паланка и рехабилитираниот пат Охрид–Свети Наум се дел од новата слика на развиена инфраструктура која ги поврзува граѓаните и ја носи државата напред.
Тој посочи и на почетокот на реални градежни активности на делницата Гостивар–Букојчани, која претходно постоела само на хартија. Претходната состојба, според премиерот, се сведувала на исплатени авансни фактури без реализирана работа, додека денес таму интензивно се гради и се очекува завршување дури и пред планираниот рок.
Овие инфраструктурни успеси, како што нагласи Мицкоски, не се само бројки туку конкретни придобивки за луѓето – побрзи и побезбедни патувања, полесен пристап до здравствени и образовни услуги, нови можности за бизнис и инвеститори, како и поголема поврзаност на земјоделците со пазарите. Тој додаде дека тоа се патишта на надеж кои ја враќаат довербата во државата и покажуваат јасна разлика помеѓу политика што гради и политика што изговара.
Мицкоски појасни дека Владата што тој ја води, заедно со коалицијата Вреди и политичката партија ЗНАМ, е подготвена да ја доврши работата што со години стоела. Од Пресека до Песочани, денес е испратена силна порака дека ќе се довршат автопатот, промените и секој проект што е во интерес на граѓаните.
„Ние не ветуваме многу, но она што го ветуваме – го испорачуваме“, рече премиерот и заврши со порака дека чекор по чекор, километар по километар, Македонија се движи напред, гради со чест и одговорност, и дека најдоброто допрва доаѓа.