Разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, д-р Сашко Јовев денеска во присуство на вработени и негови колеги од Клиниката рече дека за првпат зел боледување во 35 години работење, но го зел поради притисоци кои што ги имал.
-Имав притисоци дека сум направил грешка во самиот протокол за настанот при отворањето на нова хибридна сала, единствена во регионот. Се случи да тоа беа уредно поканети сите, но единствено министерот за здравство не дојде, сметајќи дека нешто подоцна е дадена поканата за него, а порано за премиерот. Јас не можев да се мешам, тоа е Влада и они решаваат меѓусебе, а јас се најдов на средина. На крајот јас испаднав жртва, но и Кардиохирургија. Даваме лоша лекција на сите млади после нас – рече Јовев на прес-конференција за неговото разрешување од страна на првиот човек во здравството, Фатмир Меџити.
Тој порача дека на Клиниката нема работно време, туку се работи секојдневно 24/7.
-Поддржан сум од СДСМ, но не сум партиски кадар. Заменик-министерката ме поддржа, а од премиерот не сум добил известување и сметаше дека не треба да се меша во нашата работа со министерот. Самата партија и нивните структури сериозно ми дадоа поддршка и застанаа на моја страна, кажа Јовев за медиумите.
-Иницијалната каписла може да биде некоја суета или недоразбирање. Ние имаме чесно и интелектуално портфолио. Ова не почна политичко, но како се движи, може да има беспотребен политички пазар, потенцира докторот, кој доби огромна поддршка и од пошироката јавност.
Во меѓувреме и пациенти се појавија пред Клиниката за кардиохирургија, каде изразија поддршка за докторот. Тие посочија дека благодарение на интервенциите од Јовев, сега се живи и здрави. На протестот излегоа и вработени од Клиниката. Дел од нив, сметаат дека ваквото постапување е бркање од дома на разрешениот директор.