По двегодишна реконструкција на големата сала и придружните простории комплетирана е втората фаза од реновирањето на Центарот за култура “Бели мугри“ во Кочани, а со пригодна свеченост вечерва објектот повторно беше отворен за публиката.
Обновувањето на внатрешноста на Центарот се реализираше со средства од програмата за инвестиции на Министерството за култура, при што беа обезбедени 20 милиони денари, од кои половината се инвестираа за преуредувањето на партерот и балконот.
Големата сала и целиот објект добија комплетно нов и современ изглед, а подобрена е и функционалноста според сите стандарди. Поставени се нов под и седишта, со што салата има капацитет од 356 места. Планиран е и простор за лица со попреченост, како и резервни седишта за вонредни околности. Поставена е инсталација за затоплување и вентилација, а дополнително ќе се вградат топлотни пумпи, наместо јагленот што досега се користеше како енергенс. Реконструиран е системот за озвучување и осветлувањe на сцената, инсталирана е современа противпожарна заштита, гардеробите и просторијата за шминка на актерите се целосно обновени, а реновирани се и тоалетите. Со условите што сега ги имаме почнуваме да ја реализираме годишната програма за сценско-музички, драмски и други активности, а публиката ќе може да види многу културни настани, кино проекции, ликовни изложби, промоции и музички перформанси, истакна в.д. директорката на НУЦК „Бели мугри“, Ана Поп Михаилова.