Концертот на Amplidyne Effect (solo) ќе се одржи на 26 септември 2025 година во Салон 19:19, со почеток во 20 часот.
Amplidyne Effect е импровизациски мултимедијален проект на музичарот Мартин Георгиевски од Скопје, препознатлив по експерименталните, амбиентални и современо-класични звуци. Тој настапува соло или во колаборација со други музичари, преку концерти, фестивали и онлајн изведби.
Во изминатите години, проектот издаде повеќе албуми и настапи на бројни регионални и меѓународни фестивали, како Похода (Словачка), Десонанз, Лајв Саундтрак (Белград), ToBe Continued (Италија), ПНЕМ Саунд Арт Фестивал (Холандија), како и Скопскиот џез фестивал.
На скопскиот концерт, Георгиевски ќе изведе соло импровизиран сет на пијано, клавијатури, гитара и лупови. Белгискиот медиум Turbulences Vidéo неговиот последен албум го опиша како „органска звучна атмосфера, балансирана меѓу психоделичен амбиент и кинематографско искуство, инспирирано од бетонската естетика на Скопје. Слушателот е повикан на нежна имерзија водена од кристални гитарски линии и електронски текстури“.
Публиката на 26 септември ќе има можност да доживее едно уникатно аудиовизуелно „slow trip“ патување, во кое Amplidyne Effect ја претвора неизвесноста во музичко искуство што го впива слушателот целосно во својот свет.