Вчеравечер 7. март, во Занаетчиски дом во Куманово по повод отварањето на канцеларијата на Српскиот културно информативен центар Спона се одржа концерт на Вокалната работилница Бистрик, предводена од легендата на традиционалната српска песна – Биља Крстиќ.
На отварањето на концертот се обрати првиот човек на Спона, Милутин Станчиќ кој им посака добредојде на многубројните гости. Потоа беа доделени благодарници на активисти од Куманово кои помагале во хуманата мисија на Српски културно информативен центар Спона, Емил Ташевски, Драган Крстиќ, Драган Трајковиќ, Далибор Серафимовиќ, Радован Милковски и Стефан Павац.
На концертот на вокалната работилница Бистрик беа изведени, според зборовите на Биља Крстиќ, „вистински традиционални бисери“ од различни региони на Србија, но и неколку песни од македонско-косовскиот регион, кумановско-врањански регион, како и македонски традиционални песни.
Во преполната сала на „Занаетчиски дом“ во Куманово присуствуваа видни гости од Куманово и Скопје, како и Амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија, Нејзината екселенција г. Невена Јовановиќ која на крајот и заблагодари за преубавата вечер на Биља Крстиќ, а таа и го подари нејзиниот нов албум „Билјур“.
Повод за овој концерт беше отворањето на канцеларијата на Спона во Куманово кој се случи вчера 7. март во 12 часот. Специјална гостинка на отварањето беше токму Биља Крстиќ со дел од девојките од ансамблот „Бистрик“ која на канцеларијата го подари својот нов албум „Билјур“ и се обрати на присутните гости.