Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека просечната плата во јули 2025 година е зголемена за над 10,5 проценти во однос на истиот месец лани, според податоците на Државниот завод за статистика. Тој нагласи дека обезбедување услови за бизнис-развој и реални можности за раст на приходите останува постојана цел на Владата.
Мицкоски порача дека со ваквите бројки се побиваат ставовите на опозициската СДСМ дека платите не растат и дека државата дополнително се задолжува. „Видите, податоците велат дека и бруто и нето платата во јули е за повеќе од 10,5% повисока во однос на јули 2024, кој беше и прв месец од оваа Влада“, истакна премиерот.
Тој додаде дека за првпат по подолг период е намален и јавниот и државниот долг. Според официјалните статистики, на крајот од вториот квартал заклучно со јули, државниот долг е намален за 4%, а јавниот за 2,7%. „Ова покажува дека и тезите за задолжување на неродените генерации паѓаат во вода“, рече Мицкоски, упатувајќи порака до опозицијата да биде конструктивна и фокусирана на интересите на граѓаните.