Од Министерството за здравство информираат дека скринингот во Трубарево почнал со голем интерес од жителите и успешно се реализирал првиот ден од акцијата што ја спроведуваат Министерството за здравство и Клиниката за пулмологија.
Во текот на вчерашниот ден (24.09.2025) на двата пункта биле прегледани вкупно 111 лица – 56 на Пункт 1 и 55 на Пункт 2. Според првичните информации, поголемиот дел од граѓаните се во добра здравствена состојба, но кај 11 лица се утврдени иритации и надразнувања во грлото, поради што тие се упатени на дополнителни испитувања на Клиниката за пулмологија.
Скринингот опфаќа клинички преглед, мерење пулс, сатурација и проценка на виталниот капацитет. Целта е навремено да се откријат потенцијални здравствени проблеми и да се унапреди јавното здравје на заедницата.
Акцијата продолжува и денес во Трубарево, а од Министерството за здравство апелираат граѓаните да го искористат скринингот за редовна проверка на нивната здравствена состојба.