Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ со повеќе активности во организација беа одбележани 33 години независност. Честитки по повод Денот на независноста – 8 Септември упатија голем број странски амбасади, Делегацијата на ЕУ, НАТО и повеќе здруженија и политички партии.
Свечената академија се одржи во Македонската филхармонија во Скопје, од каде премиерот Христијан Мицкоски објави десет принципи за развој, стабилност и просперитет и повика на единство и сплотеност.
-Граѓаните заслужуваат да живеат во држава каде што чесноста и правдата се водечки принципи. Време е да се стави крај на беззаконието и да се изгради држава која ќе ги заштити интересите на своите граѓани. Криминалот не смее да биде посилен од Владата и на ова зло му доаѓа крајот, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.
Дел од десетте принципи кои премиерот ги соопшти денеска беа воспоставување на правда и правна држава, крај на партизацијата на општество, подобрување на стандардот на граѓаните и исполнување на стратешката цел за влез во Европската Унија.
– За сите овие принципи барам единство и сплотеност. Испраќам порака до лидерите во опозицијата околу овие 10 принципи да се обединиме сите, исчистете се од криминалот во своите редови и реформирајте се. И прифатете го ова што го нудам како платформа околу кое се обединуваме, посочи премиерот.
Тој нагласи дека мора да се прекине партизацијата на општеството и да ги изолираме елементите кои создаваат меѓуетничко неединство.
– Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци. Мора да се стави крај на листата, на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе, туку личниот интерес на тие кои ги произведуваат, за сметка на колективниот, рече тој.
Дополнително, посочи дека мора да имаме општа согласност за исполнување на нашата стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија.
– Немаме друга алтернатива, ниту пак постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми и повеќе пари и среден систем. И ние како Влада и општество не смееме да отстапиме од Европскиот пат, потенцираше Мицкоски.
На церемонијата, покрај премиерот Мицкоски, присуствуваше и претседателката на државава, Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши како и повеќе претставници од законодавната, извршната, судската власт и верските заедници.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претходно упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста, во која посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
-Заокружувајќи го делото на илинденците и на асномците, ја превзедовме одговорноста да градиме модерна, европска, правна држава која ќе обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Триесет и три години подоцна, ентузијазмот и надежта се, за жал, засенети од бројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи. Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите, нагласува Сиљановска Давкова во честитката.
Таа натаму посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
-Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите, наведува претседателката во честитката.
Истакнува дека само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата, со функционални институции и со компетитивна економија и систем на заслуги ќе им овозможиме на младите генерации, правото на потрага по среќа да го остварат дома, во заедничката татковина, во која ќе работат, ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина.