Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на денешната 11-та седница го усвои Нацрт-Упатството за радиодифузерите за Локалните избори 2025, кое е ставено на јавна консултација до 25 септември. Документот е изработен по претходни консултации со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија. Поради уочени непрецизности во Изборниот законик кои влијаат врз распределбата на времето за платено политичко рекламирање и исплатата на средствата од буџетот, овие институции заеднички го информираа Собранието на РСМ. Нацрт-Упатството има за цел да ја појасни примената на изборните одредби поврзани со радиодифузерите, меѓу кои распределбата на времето за платено политичко рекламирање, означувањето на нарачателот на рекламите, распореденоста на времето во вестите кај Јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, како и обезбедувањето пристапност на содржини за лицата со попреченост. Агенцијата ги охрабрува сите засегнати страни да достават мислења и предлози електронски на адресата contact@avmu.mk, најдоцна до четврток, 25 септември 2025 година, до 16:30 часот.