На јубилејното 20-то Издание на македонскиот филм во киното Карлтон во Торонто, Канада, викендов се прикажуваат 10-тина документарци, кусометражни, долгометражни филмови, а акцентот од интересот годинава е на „Диџеј Ахмет“, филм за петнаесетгодишниот Ахмет, од оддалечено јуручко (турско) село во Македонија, кој наоѓа засолниште во музиката додека се справува со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница и своето прво искуство со љубовта – за девојка веќе ветена на некој друг. Режисер на филмот е Георги М. Унковски.
На Фестивалот на Македонскиот филм во Торонто
(https://www.macedonianfilmfestival.com/) на репертоарот се најде и приказна за архитектонската и урбаната историја на Скопје со фокус на модерната архитектура, од почетокот на дваесеттиот век до кратката ера на брутализам, од продуцентот Томи Салковски и режисерот Игор Иванов – Изи.

Интересот е голем и за долгометражниот „Лена и Владимир“, филм кога еден мистериозен човек со мистична тајна засолнува млада девојка – бегалка, а нивната неочекувана врска ги предизвикува да го надминат своето мачно минато и да најдат надеж на неочекувано место. Режисер на овој филм е Игор Алексов по сценарио на Александар Русјаков, а главни улоги ги толкуваат Тони Наумовски, Сара Климоска, Дениз Абдула, Петре Арсовски.
„Џон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски во Кино Карлтон во Торонто, ќе ја има премиерата за прв долгометражен анимиран македонски филм. Доста млад и крајно обичен, Џон е несреќен Дедо Мраз од трговскиот центар, кој е киднапиран од неговиот иден најдобар пријател, нарцисоидниот мегаломански робот по име Зарк. Џон се наоѓа со најмоќното оружје на универзумот заглавено во неговата глава.
В недела ќе се прикажат и Фениксот од Кавадарци – документарен филм за Васил Хаџиманов – познат истражувач на македонските народни песни и еден од првите македонски истражувачи на етно музиката.

Како и „Имиња“, филм за Марко и неговата мајка коишто се сместуваат во Центар за бегалци, а неговите нови пријатели откриваат дека собата на Марко е проколната. Смртта го посетува секого чие име е на вратата, па малото момче смислува план да ја надмудри. Зад ова филмско дело стои Јане Спасиќ, македонски филмски режисер со искуство во театарот, а ова е неговиот прв филм по дипломирањето.
Два филма се наметнаа и го разбудија интересот кај помладата популација во Торонто. „Убиј ги прво децата“ или „Млади во неволја„ е акциона комедија, на режисерот Димитар Оровчанец за тинејџерка-балерина, нејзиното заљубено момче и неговиот сомнителен најдобар пријател со украден пиштол, коишто се заглавуваат во најдлабоките лавиринти на криминалното подземје поради изгубен мобилен телефон кој содржи компромитирачко видео.

Се чекаше билет повеќе и за „Избор“ на Марко Црногорски, кусометражен филм за млада мајка која се соочува со разорна реалност кога нов закон ѝ го забранува закажаниот абортус. Улогите ги толкуваат Сара Сандева, Ева Велиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Игор Ангелов, Ѓорѓи Јолевски, а снимен е во Македонија.
Фестивалот во Торонто ќе го затвори „Мојот летен распуст“. Додека децата уживаат во летните распусти, 8-годишниот Басри се упатува кон македонските планини за да им се придружи на своите браќа. Тие се овчари на стотици овци, на кои им помагаат огромни кучиња кои ги штитат од волци. За Басри, тоа е слобода, додека неговите браќа тинејџери сонуваат за некаде на друго место.
Ова е викенд во Торонто, посветен на филмот, а кога заврши, секој замина, со свои импресии и очекувања за нови филмски доживувања.
Само филмот ја поседува моќта да ги извојува сите можни сплотувања на световите, да преплива океани и да изгради мостови на трајни пријателства, велат посетителите.
„Фестивалот е можност да и се долови на публиката културата од Македонија, но и да им се даде простор на сите поврзани со неа – режисери, продуценти, сценаристи актери, вели Крис Ослис, член на Бордот на директори на Фестивалот во Торонто.
Фестивалот во Торонто може да се опише како продолжување на приказната за промовирање на македонската кауза, годинава од Македонија, Австралија и од САД.
Како и вообичаено на репортоарот доминираа теми кои го одбележаа и истакнаа комплексниот македонски идентитет и неговите современи предизвици.
Фестивалот годинава се обиде да понуди одговори на неколку прашања – како да стасаш до вистинска љубов, како да ја искачиш највисоката планина, како да ослободиш држава, како да разрешил морална дилема на едно момче.
Посетителите се осврнаа на очекувањата, впечатоците, критиката. Ова се дел од реакциите –
„Овој фестивал претставува доближување до македонската кинематографија“.
„Фестивалот е важен да постои за нас кои сме родени во Канада, но се чувствуваме како Македонци, но е важен и за домашната публика да се запознае со богатата македонска кинематографија“,
Брилијантно е да се види културното наследство, за минатото, сегашноста, иднината. Се чекаше редица за билет повеќе. Актери, режисери, љубители на филмот во киното Карлстон.
„Македонскиот филмски фестивал ќе расте само ако расте бројноста на публиката“, вели организаторката Вирџинија Еванс, која две децении неуморно работи на реализирање на филмската смотра, која секоја година, традиционално се одржува во главниот град за филмот во Канада.
Атрибутот „македонски“ му дава посебна егзотика, упатувајќи на нераскинливата врска на неговите творци и уметници со татковината.


