Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера во рамки на проектот на МВР „Отворен Кабинет”, беше во работна псоета на СВР Битола, при што реализираше средби со граѓани, а го посети и Граничниот премин Меџитлија, каде оствари работна средба со раководството на Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Меџитлија и на Регионалниот центар за гранични работи „Југ.
Како што денеска соопштија од МВР, целта на посетата е запознавање со состојбите на овој граничен премин и на Регионалниот центар, генерално, имајќи ги предвид евидентираните податоци од полициските станици за надзор на државната граница, полициските станици за гранични проверки, како и одделенијата и отсеците кои се во состав на РЦ за ГР Југ.
– Во однос на прометот на патници на јужната граница, истиот е зголемен, споредбено со истиот период од 2022 година и тоа за 32 проценти. На ПС за ГП и ГН Меџитлија поминале 669.371 патници, што во споредба со истиот период од 2022 година претставува зголемување од 60 проценцти, наведуваат во соопштението од МВР.
Од страна на раководството на РЦ за ГР „Југ“ министерот Спасовски бил информиран за состојбата на границите во текот на првото полугодие од 2023 година, при што откриени се 60 кривични дела и 896 прекршоци по разни основи.
Во делот на илегалната миграција, РЦ за ГР „Југ“, додаваат од МВР, има откриено 4.626 илегални мигранти во ова полугодие, при што забележана е тенденција на намалување на обидите за 40 проценти за разлика од истиот период лани.
Посочуваат дека во делот на крумчарење мигранти откриени се 27 случаи во обид да се прокриумчарат 243 илегални мигранти, при што се поднесени 20 кривични пријави против 28 сторители.
– Во првото полугодие во 2023 година откриени се и 13 фалсификувани документи и послуга на туѓа патна исправа. Исто така, преземени се мерки и активности за спречување на бесправна сеча и транспорт на дрвна маса, при што откриени се 20 случаи за бесправна сеча и транспорт на дрвна маса, а по оперативна акција за спречување на недозволена трговија со дрога, само на јужната граница пронајдени се и одземени пет килограми марихуана, стои во соопштението.
Министерот Спасовски изразил задоволство од високите резултати на овие организациони единици, а добил и уверување дека вработените ќе продолжат интензивно да постапуваат по активностите на Министерството и оперативните акции на БЈБ, претендирајќи кон уште подобри резултати во насока на унапредување на безбедноста на сите граѓани.