Драфт верзијата на Националната развојна стратегија (НРС), која ги дефинира приоритетите на државата во наредните 20 години, е финализирана и прифатена од Управниот одбор во кој членуваат сите вицепремиери, министерот за финансии, пратеници во парламентот, членови на МАНУ, претставници на амбасади и меѓународни организации, бизнис секторот и граѓанските организации. Станува збор за сеопфатен документ кој опфаќа економски, социјални, еколошки и културолошки аспекти на развојот на нашата држава во наредните две декади, информираат од Владата.
Процесот на подготовка на Националната развојна стратегија траеше речиси три години и во него директно се вклучија околу 14.000 граѓани, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор, државните институции и голем број на домашни и странски експерти. НРС ја опфаќа визијата за иднината на Македонија и претставува пример за консензуален, надпартиски, надгенерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен документ, во чија подготовка активно се вклучија политичките партии и од власта и од опозицијата.
Процесот на креирање на Националната развојна стратегија, Владата на Република Северна Македонија го реализира во партнерство со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Изработката на НРС е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје и од Министерството за финансии на Република Словачка.