Вкупно 90 000 килограми домашни кајсии се дистрибуирани до градинките низ земјава во рамки на кампањата „Здрав оброк за секое дете“ што почна минатата недела. Од денеска, кампањата продолжува со испорака на 175 500 килограми домашни праски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со директорот на Платежната агенција Никица Бачовски ја посети градинката „Орце Николов“ во општина Карпош. Николовски и Бачовски на дечињата им поделија пакетчиња со еден килограм здрава ужинка, домашни македонски праски, а учествуваа и во работилниците за здрава храна, приготвувајќи здрави оброци.
Проектот „Здрав оброк за секое дете“ се реализира втора година по ред, преку Програмата на МЗШВ за поддршка на откупот за овошје, зеленчук, млеко и млечни производи произведени од нашите земјоделци. Согласно проектот, секое запишано дете во градика, еднаш неделно добива по еден килограм македонско овошје, кајсии, праски, сливи, круши и јаболки од прва класа.