Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција по средбата со претставниците на Србите од Косово изјави дека луѓето од југот и од северот на Косово изразиле огромна огорченост против властите во Приштина, но и поради молкот на меѓународна заедница и дека сите тимови ќе продолжат да работат во наредните седум дена за да излезат со заедничка изјава за многу прашања. Меѓу нив ќе бидати изборите на 23 април во Косово, на кои, како што рече, Србите нема да учествуваат, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ситуацијата на Косово е тешка и незадоволството и гневот на Србите поради прекршувањето на договорот за регистарските таблички и сите други договори, како и секојдневните апсења го достигнуваат својот врв… Ќе имаме подолго обраќање следната недела, на Велики четврток или Велики петок. Најпрво имав консултации и разговори со најважните претставници на Српската листа и нашите органи и претставници на институции и власти од Косово, посочи Вучиќ.
Се повлеков и се договоривме да продолжиме да работиме заедно со сите наши тимови во следните седум дена, за да излеземе со заедничка изјава за сите настани што ни претстојат, додаде Вучиќ.
-Моето барање беше да се зачува мирот секогаш и на секој начин. Ќе видиме како ќе биде. Не сум преголем оптимист и се плашам дека некои не разбраат дека суштината не е дали сакаме да направиме отстапка за некои бесмислени бирократски прашања, туку суштината е во формирањето на Заедницата на српски општини и престанок на загрозување на безбедноста на српското население, нагласи Вучиќ.