Пратениците во грузискиот Парламент го повлекоа предлог-законот за „странски агенти“ по неколкудневните протести против него, соопшти денеска владејачката партија Грузиски сон.
Како што пренесе ДПА, соопштението доаѓа откако парламентот во јужнокавкаската република во вторникот на прво читање го одобри планираниот закон наречен „За транспарентност на странското влијание“.
Предлогот, кој официјално има за цел откривање на приливот на пари од странство, предизвика дводневни масовни демонстрации во главниот град Тбилиси, бидејќи критичарите стравуваат дека тоа е начин владата да ја запре опозицијата.
– Гледаме дека предлог-законот доведе до несогласувања во општеството. Со оглед на сето ова, одлучивме да го повлечеме предлог-законот што го поддржуваме без резерва, соопшти Грузиски сон.
Предложениот закон, кој е сличен на законодавството во Русија, би ги класифицирал невладините организации (НВО) и медиумите кои делумно, односно повеќе од 20 проценти, се финансираат од странство како „странски агенти“.
Грузиските власти употребија солзавец и водени топови за да ги растераат демонстрантите за време на протестите во вторник и среда.
Само во вторникот беа уапсени 66 лица.