Здружението на историчарите на Република Македонија денеска со соопштение реагира поради отсуството на Историјата во наставните програми за VI одделение, и бара мораториум на Концепцијата за основно образование.
– Како Здружение на историчарите на Република Македонија, чијашто повеќе од седумдецениска дејност меѓу другото е насочена кон развојот на македонската историографија и унапредувањето на квалитетот на наставата во македонската историја, потсетуваме дека многупати и тоа во повеќе форми, јавно предупредивме на негативните импликации од крајно избрзано донесената Концепција за основно образование, која што беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции, стои во реакцијата.
Здржението посочува дека на 22 декември 2022 година до Министерството за образование и наука поднеле Барање за повлекување на учебникот по новововедениот предмет „Историја и општество“ за V одделение, поткрепено со критичка анализа на 30 страници, во која нотирале 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла, при што предупредиле дека тие ќе создадат кај учениците погрешни претстави не само за минатото, туку и за сегашноста. Јавно прашуваат дали овој учебник е повлечен од употреба, со оглед дека посочените пропусти ги надминуваат законски предвидените 30%. Иразуваат увереност дека погрешната концепциско-содржинска поставеност на учебникот е директен резултат на Концепцијата за основно образование, поради што бараат од Министерството да иницира јавна дебата за подготовка на нова Концепција, за да не се повторуваат во иднина недозволиви пропусти.
– Поаѓајќи од тоа, најновата актуелна состојба предизикана од отсуството на Историјата во наставните програми за шесто одделение, за нас како здружение на историчари воопшто не е изненадување. Причината е што ние како здружение, како и генерално историската фела во државата, одбиваме да учествуваме во нивната подготовка, со оглед на нашето неприфаќање на Концепцијата. На тој начин го изразуваме категоричното противење што со Концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ), за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет „Историја и општество“, во кој вештачки се интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија. Досегашната практика на примената на Концепцијата, недвосмислено ги потврдува нашите претходни оценки дека историјата се маргинализира и деградира, со што се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава. Особено што во Европската унија, каде како демократска држава припаѓаме и чиишто фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина историјата како предмет го дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата, се наведува во реакцијата.
Здружението укажува на штетните последици од понатамошното спроведување на Концепцијата во однос на наставата по историја, и застанува во заштита на колегите наставници, чиишто работни места се доведени во прашање поради кратењето на бројот на часови по историја, а што, како што посочуваат, е предизвикано од непромислените новоконципирани наставни планови и програми, со што во крајна линија се ревидира и содржината на македонската историја.
Историјата мора да остане посебен предмет, смета Здружението на историчарите и воедно ги поддржува колегите кои сметат дека предметите Географија, Граѓанско образование, Биологија, Хемија, Физика треба да се изучуваат посебно.