Оркестарот на Филхармонија денеска ќе одржи концерт, насловен „Бедем“, на кој како солистка ќе настапи виолинистка од светската музичка сцена – Леиа Зу.
Диригентка е Ребека Тонг (Индонезија/САД), а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, како и два става од композицијата „Robert’s suite“ на македонската авторка Бете Илин, кои премиерно ќе прозвучат на овој концерт.
Опусот на македонската композиторка Бете Илин (1982) опфаќа голем број вокални дела (соло песни и хорска музика) и инструментална музика (дела за соло инструменти, за разни камерни ансамбли и симфониски оркестар).
Виолинистката Леиа Зу (2006) дебитирала во Њукасл на четири години. Од тогаш таа настапува со значајни ансамбли и оркестри низ светот. На дванаесетгодишна возраст зад себе веќе имала настапи на најпрестижните сцени во повеќе од 18 земји. Тогаш станува и најмладата уметница што ја застапува британската агенција „Харисон Парот“.