Македонскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова ќе се натпреварува во официјалната главна селекција на фестивалот КинЕст фест 2023 во Катанија, Италија.
Ова е трето издание на фестивалот кој е фокусиран на кинематографијата на Источна и Централна Европа, а ќе трае од 5 април до 30 мај. Фестивалот освен филмски премиери одржува и многубројни специјални настани, работилници, настапи во живо, ретроспективи и мастеркласови посветени токму на кинематографијата од нашиот регион, соопшти ДНФ Филмс.
Премиерата на „Преекспонирано“ на овој фестивал ќе биде на 7 и 8 мај, а режисерката Елеонора Венинова ќе одржи и работилница.
Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември минатата година. Азиската премиера, пак, беше на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија од 2 до 9 февруари оваа година. Во тек се интензивни подготовки и за премиера пред домашната публика.
Улогите во филмот ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска и Марјан Наумов. Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката е на Линдзи Рајт, сценографијата на Срѓан Митровиќ, сценарист е Елеонора Венинов, монтажер Гоце Кралевски, костимограф Жаклина Крстевска, монтажер за звук Дарко Спасовски. Продуцент е Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), ко-продуцент Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за Филм, Српски филмски центар и Еуримаж.