Загадувањето со пластика би можело да се намали за 80 проценти до 2040 година, доколку земјите и компаниите направат длабоки промени во политиката и пазарот, соопшти Програмата на ОН за животна средина (УНЕП).
За да се направи ова, треба да има повеќе повторна употреба, рециклирање и повеќе преориентирање и диверзификација на пластичните производи, велат авторите на извештајот.
Ова би вклучило владите да промовираат шишиња што повторно се полнат, диспензери на големо, шеми за враќање на депозитите и шеми за враќање на пакувањето – што би можело да намали 30 отсто од пластичниот отпад.
Дополнителни 20 проценти би можеле да се намалат доколку рециклирањето стане постабилна и попрофитабилна индустрија, додека отстранувањето на субвенциите за фосилни горива и принудувањето на дизајнерите на амбалажата да ги подобрат способностите за рециклирање на производите би значело дека количината на пластика што може да се рециклира ќе се зголеми од 21 на 50 проценти.
Употребата на алтернативи како што се хартија или материјали за компостирање наместо пластика за завиткување, кесички и амбалажа за носење, исто така може да заштеди дополнителни 17 проценти од загадувањето со пластика, наведе УНЕП.
Сето ова сепак ќе остави 100 милиони тони пластичен отпад од предмети за еднократна и краткотрајна употреба, за кој УНЕП вели дека може да се справи со поставување и имплементирање на специјално дизајнирани и безбедносни стандарди за негово отстранување, како на пример производителите да бидат одговорни за производи што содржат микропластика.