27/11/2024
ПочетнаUncategorizedОтворена изложбата „Предок“ на Киро Урдин во Мајами

Отворена изложбата „Предок“ на Киро Урдин во Мајами

Во галеријата „Амадлози“ на Африканскиот центар за културно наследство во Мајами во Флорида, од 1 април е отворена изложбата „Предок“ на македонскиот ликовен уметник Киро Урдин. Оваа поставка, која е реализирана во соработка со „Клосер контемпорари арт“ од Белгија и „Ел еспацио 23“, ќе биде отворена за посетителите до 31 мај.

Урдин досега излагал свои дела во Франција, САД, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Кина, Порторико, Филипини и Тајван.

Киро Урдин е роден во 1945 година во Струмица. Дипломирал на правниот факултет во Белград во 1969 година. Во периодот од 1971 до 1973 година работел како новинар, а подоцна студирал на Академијата за уметност во Париз. Од страна на „Академијата на филмот” во Париз бил награден, а во 1982 – 1983 изработувал портрети на истакнатите учесници на „Струшките вечери на поезијата”. Од 1984 година тој работи како слободен уметник во повеќе земји.

Покрај сликарството и книгите (афоризми „Le Dedoublement de la Personnalite”и „Le Dessin, le Pastel et l’Aquarelle of the contemporary arts” од издавачот Mayer) Урдин ги илустрирал книгите на Jacques Delors „Combats pour l’Europe” и на Анатоли Карпов „Mes plus belles victoires”.

Од работилницата на Урдин излезени се и неколку краткометражни филма – „Уметноста на Киро Урдин”, „Те сакам, Ибан” и „Планетариум” во продукција на МРТВ.

Сликата „Планетариум“ (со површина од 48 м2.) која е реализирана низ најзначајните културни центри на светот, (спаѓа меѓу најголемите во современа Европа) е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант NEWAUS, во Ејндховен – Холандија. „Планетариумот“ како мултимедијален проект се вбројува меѓу првите уметничкi делa во ликовниот правец мондидализам. За „Планетариумот“ е снимен и филм кoj беше прикажан во официјалната селекција на познатиот телевизиски фестивал во Монте Карло.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ