Нешто помалку од десет милиони граѓани на 21 мај гласаат на парламентарните избори во Грција.
На изборите учествуваат 27 партии, осум коалиции и еден самостоен кандидат.
За парламентарните избори, Грција е поделена во 59 изборни единици, во кои што се одбираат 285 од 300те пратеници колку што брои грчкиот Парламент. Останатите 15 се на листа која важи за целата земја.
На овие избори има три новини: гласат Грците кои живеат во странство, право на глас имаат сите кои наполниле 17 години, а не 18 како што беше до сега и ќе се спроведе пропорционален изборен модел.
Според пропорционалниот модел, за да може победникот на изборите в недела да формира еднопартиска Влада, потребно ќе биде да обезбеди најмалку 151 пратеник кои ќе бидат од гласовите на граѓаните, односно ќе треба да добие голем број гласови околу 45 отсто.
Грчкиот Устав предвидува веднаш по изборите претседателот на државата да ѝ го додели мандатот за формирање Влада на партијата победник. Доколку првата партија не успее да формира Влада, мандатот му го враќа на претседателот, кој го доделува на втората партија, а доколку и таа не успее, го добива и трето рангираната партија. Секоја од партиите на располагање има 72 часа да спроведе консултации со можни коалициони партнери.
Доколку во законски предвидениот рок од најмногу девет дена, земјата не добие Влада, тогаш претседателот свикува лидерска средба за евентуална широка коалиција, а во случај и овој обид да биде неуспешен, тогаш земјата ќе оди на втори избори.
Ваков беше случајот во 2012 година, кога во период од месец и половина се одржаа два пати избори, а Нова демократија, ПАСОК и Демократска левица формираа коалициона Влада, но по вторите избори.
Изборите во Грција започнаа вчера со гласањето на Грците кои живеат во странство, а оваа година за првпат имаат можност да гласаат без да биде потребно да се вратат дома.
Нивните гласови ќе се пребројат в недела, откако ќе заврши гласањето и ќе се затворат гласачките места во земјата.