Кинеската храна и кујна денеска беа промовирани во Кавадарци. На дегустацијата се обрати амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо.
– Деликатесите од Кина и Северна Македонија имаат свои карактеристики, но ја објаснуваат суштината на културата на храната од различни перспективи. Преку само едно обично јадење, може да се вкуси цела една длабока историја и култура, рече амбасадорот.
Тој потсети дека годинава се навршуваат 30 години од основањето на дипломатските односи меѓу Кина и Северна Македонија.
Ѕуо рече дека соработката има широки перспективи, а земјоделските производи од тука се многу популарни меѓу кинеските туристи.
– Кина е подготвена да соработува со Северна Македонија преку храната и културата, како мост за размена на можности за попросперитетна иднина, за зајакнување на комуникацијата меѓу двете култури, како и промовирање на соработката на локално ниво, за обостран бенефит на двата народа, нагласи амбасадорот.
Кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев рече дека од 12 октомври 1993 година до денес, односите на двете земји се развиваат во духот на пријателството, меѓусебно развивање и заемно почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и рамноправност на двете земји.
– Остваруваме соработка и во областа на економијата, образованието, културата, земјоделството и техничката помош. Во иднина верувам дека нашите две земји можат да ја искористат оваа годишнина на поволност и продлабочување на пријателството и секако да создадат подобра иднина за билатералните односи. Во склоп на ова одбележување Амбасадата денес, секако со поддршка на Општина Кавадарци, организира Кинески ручек, со цел промовирање на кинеската култура и кујна, преку заедничко дружење и разменување на меѓусебно мислење помеѓу двете култури, нагласи Јанчев.
Тој изрази надеж дека и во иднина ќе се негуваат добрите односи помеѓу двата народа.