Второто продолжение на изложбата насловена „Париски рефлексии“, по повод Меѓународниот ден на Франкофонијата, ќе биде отворена денеска со почеток во 12 часот во галеријата „Чифте Амам“, во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски и францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер. Организатори на овој настан се Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје.
Од Националната галерија посочуваат дека изложбата, која го носи предзнакот 2, ги претставува делата на втората генерација македонски уметници, кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани во центарот на светската уметност – Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување на влијанијата на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.
– Оваа селекција се однесува на авторите кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до шестата и седмата деценија на 20 век: Вангел Коџоман, Василие Поповиќ – Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија. Сите претставени дела се дел од Колекцијата на Националната галерија, соопштуваат од Националната галерија.