– Во земјава денеска се одбележуваат 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.
Бројни делегации и граѓани денеска ќе положат цвеќе и ќе се поклонат пред горобот на Делчев во црквата „Свети Спас“, а предвидена е панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Цвеќе на неговото вечно почивалиште, како што е најавено, ќе положи претседателот Стево Пендаровски, како и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, во состав: Даниела Николова, Велика Серафимова Стојковска и Мерита Колчи-Коџаџику.
Во чест на учителската дејност, визија и мисија на учителот Гоце Делчев, а по повод 120 години од неговата смрт, на Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ Штип ќе биде отворено историско катче во рамки на факултетот.
За разлика од 4-ти февруари годинава, кога на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев пристигна официјална делегација од Софија, сега такво нешто не е најавено.
На прес-конференција во Софија, на 27 април годинава, в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, рече дека не е постигнат договор со Република Северна Македонија за заедничко одбележување на смртта на Делчев на 4 мај, иако имало такви договори и практики во претходните години.
Поради одбележувањето на 120-годишнината од смртта на Годе Делчев, МВР од вчера воведе посебен сообраќан режим, информирајќи дека затворена за сообраќај ќе биде улицата „Самоилова“.