16/10/2025
ПочетнаЕкономијаПоставен камен-темелник на ветропаркот „Алказар Енерџи“ – Инвестиција од половина милијарда долари

Поставен камен-темелник на ветропаркот „Алказар Енерџи“ – Инвестиција од половина милијарда долари

Денеска беше поставен камен-темелникот на ветропаркот на компанијата „Алказар Енерџи“, инвестиција вредна половина милијарда долари, која се очекува годишно да произведува 1 терават час електрична енергија. На настанот присуствуваше и премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој истакна дека оваа инвестиција е резултат на ветеното пред нешто повеќе од една година и претставува драјвер за економскиот развој на државата.

Премиерот Мицкоски во своето обраќање ја потенцираше важноста на проектот, истакнувајќи дека тој е дел од владините заложби за забрзан економски раст и привлекување странски инвестиции. „После нешто повеќе од една година, тоа што тогаш го ветивме, заедно со компанијата и инвеститорот, денеска добива некаква завршница, завршница на оваа прва фаза“, изјави Мицкоски. Тој потсети дека оваа инвестиција беше најавена само втор ден по изборот на новата Влада.

Мицкоски нагласи дека 2024 година била историска за државата, со првпат надмината бројка од една милијарда евра странски директни инвестиции, достигнувајќи 1,255 милијарди евра. Ова, според него, е потврда дека државата се движи во правилна насока.

Зборувајќи за актуелните економски показатели, премиерот изнесе податоци кои укажуваат на значителен напредок. Извозот на земјоделски производи во првите пет месеци од годинава е зголемен за 57% во споредба со истиот период лани. Македонија е рангирана како осма туристичка дестинација во светот од страна на Канцеларијата за туризам на Обединетите нации, со раст на бројот на туристи од 22% во првиот квартал годинава, споредено со истиот период лани. Реалниот раст на БДП во првиот квартал изнесувал 3,2%, што ја позиционира земјата на четврто место во Европа, веднаш зад Ирска, Данска и Полска. Премиерот најави уште подобар резултат во вториот квартал, со очекуван раст меѓу 4% и 6%. Индустриското производство во мај бележи историски раст од 9,4%.

Мицкоски истакна дека овој напредок се должи на враќањето на довербата кај инвеститорите, што се постигнува преку дисциплина во работењето, чесна и дисциплинирана работа, како и преку борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. Во тој контекст, тој го спомна и позитивниот извештај на ГРЕКО, кој ѝ додели оценка „5“ на Владата за борбата против криминалот и корупцијата.

Премиерот ја искористи приликата да се заблагодари на сите вклучени во реализацијата на проектот: членовите на Владата, тимот на „Алказар Енерџи“, општините Штип, Радовиш и Карбинци, владините институции, како и на колегите од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за нивниот придонес во проектирањето.

На крајот од своето обраќање, Мицкоски му се заблагодари на Даниел, сопственикот на „Алказар Енерџи“, за препознавањето на Македонија како дестинација за оваа значајна инвестиција, ветувајќи понатамошна поддршка од Владата.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ