27/11/2024
ПочетнаUncategorizedКатолиците го слават Велигден

Католиците го слават Велигден

– Верниците на Римокатоличката црква денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден.

радиционално во државава централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија.

На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски…

Велигденската литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов.

Тој ја прочита воскресната проповед и им го честиташе празникот на католичките верници.

– Драги браќа и сестри! На Стара година 2022 во куќата на Небесниот Отец се пресели папата Бенедикт XVI. На 5 јануари 2023 година имавме можност да го проследиме погребот на неговите посмртни останки, кои беа положени во криптата на базиликата Свети Петар во Рим. Целиот негов свештенички живот беше обележан со непречено учење и пренесување на верата во Исус Христос. Овој Папа, како наследник на апостол Петар, мораше да се соочи со актуелни проблеми кои ја потресоа Црквата, за што непосредно пред смртта на неговиот претходник Иван Павле II. на Велики Петок во 2005 година, за време на молитвата Крстен пат, тој рече дека (бродот на Петар) тоне се подлабоко и подлабоко, бидејќи пушта вода од сите страни. И покрај тоа што веќе беше во години, тој, сепак, ја прифати задачата да биде римски бисуп и да бара вистински решенија за да можат сите членови на Црквата да одговорат на задачата што им ја доверил самиот Господ. Честа тема на неговите проповеди беше „пријателувањето со Исус“ со акцент дека сè зависи од ова интимно пријателство со Господ. Треба да се отвориме како пријатели и слободно да му зборуваме како пријатели, бидејќи Исус е единствениот кој може да го направи нашиот свет добар и среќен.

Во својата проповед за Велигденското бдение во 2012 година, папата Бенедикт XVI рече дека Велигден е празник на новото создание. „Исус воскресна и повеќе не умира. Ја отвори вратата за нов живот кој повеќе не познава болест или смрт! Го воздигна човекот до Бога. На човекот му се отвори нова димензија. Созданието стана поголемо и пошироко. Велигден е денот на новото создавање и затоа Црквата на тој ден ја започнува литургијата со библиски приказ за создавањето, за да можеме добро да го разбереме новото создание“.

Велигден е нов почеток кој се покажува на многу начини. Ова првенствено се однесува на природата, но и на човекот до степен до кој тој е природа, до степен до кој природата го одржува во својот живот и до степен до кој е воден од природата. Велигден го славиме во време кога сончевата светлина со својот сјај ја совладува зимската ноќ и со својата топлина предизвикува огромен раст и процут на животот во природата. „Ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре ќе донесе голем плод“ (Иван 12,24). Од земјата, од гробот се раѓа животот, вели Господ. Будењето на животот во природата предизвикува восхит кај нас и додека го набљудуваме, чувствуваме како во нас оживува силата и ни се враќа надежта.

Ова оживување на природата е само слика што ја пренесуваме во доменот на верата во воскресението. Велигден е почеток на нов облик на живот за целиот човечки род, бидејќи настанот на Исусовото воскресение ни ја дава, на секој поединечно и целото човештво, крајната смисла и крајната цел. Пред две илјади години, Бог, во Кого се нашите времиња и векови, нашата надеж и нашата иднина, ни се откри во Исус Христос. Тоа е Божјиот Син во кој ни се покажа Божјата љубов и кој ни покажа дека нашата иднина е сигурна во Бога, бидејќи доаѓа од Бога и затоа што самиот Бог е иднината.

Тоа е она што го проповедаме и на што се надеваме. Сепак, ми се чини дека некако ни е многу полесно да го кажеме тоа, отколку да го разбереме и веруваме. Но, не треба да се плашиме. Во слична состојба беа и првите сведоци на Христовото воскресение, жените кај празниот гроб, учениците на пат кон Емаус или сомнежот на светиот апостол Тома. Едноставно, по сите тие болни настани околу Исус, од предавството и апсењето во Гетсиманската градина, потоа судењето, испрашувањата и мачењата пред Синедрионот и управителот Пилат и на крајот горчливата смрт на крстот, сите негови пријатели беа како одземени – парализирани. Тотална блокада. Не можеле да сфатат како може нешто што започнало со толку големи надежи да заврши толку лошо. Толку многу голема надеж полагале во својот Учител додека биле со Него, имале толку многу желби за себе во нивните срца и поради тоа оставиле сè, и како сето тоа завршило. И покрај тоа, сега на крајот на краиштата им доаѓаат нови неволји. Впрочем, некои жени „од нашите“ кои отидоа на гроб се вратија и рекоа дека го виделе. Тешко е тоа да влезе во глава. Требаше да се случи средба со воскреснатиот Христос за да се разбуди во нив велигденската вера.

А што е со нас и нашето верување во воскресението? Не сме ли и ние премногу често блокирани, вкочанети, па не можеме да ја сфатиме новата реалност што Велигден ја носи во нашиот живот? Да го погледнеме нашиот начин на живот, стресот и постојаната трка да се обезбедиме, да се позиционираме во општеството, а потоа наеднаш стануваме свесни дека од некаде нè обзема чувство на вкочанетост, немир и лишеност. Времето полека бега, годините минуваат, а од нашите усни излегува жалопојка: „Напразно сум се трудел, за ништо и попусто сум сум ја истрошувал силата Своја (Исаија 49,4).

На почетокот на индустријализацијата, на луѓето им требаше четвртина од својот живот за да ја обезбедат својата егзистенција за да ги задоволат своите потреби, а денес ни треба само половина од тоа. Значи, се прашуваме каде помина времето што го заштедивме? Одамна почнавме да се жалиме како немаме време. Сегашноста и иднината имаат димензии кои не можеме да ги планираме, ниту да ги сфатиме.

Навистина, минливоста ни е пред очи и постојано ја доживуваме, но доживуваме и дека сегашноста постојано се обновува од неисцрпната иднина, иднина која не сме ја планирале, туку ни приоѓа како личност која ненадејно ја среќаваме, која неочекувано нѐ посетува, која мисли на нас, која ни се обраќа. Оваа иднина, која ни се случува и која понекогаш дури и суштински го менува нашето секојдневие, ја прави нашата сегашност сосема нова. Тоа едноставно нè оттргнува од нашите планови, нашите грижи и нашите многу ограничени надежи.

Бог, наша иднина, доаѓа кај нас во Христа. Тој ни се манифестира како неизмерна љубов. Во Исусовото воскресение ни се покажува нашата иднина, целта на нашиот живот. Треба само да ја прифатиме, а потоа ќе ни се смени секојдневието и начинот на живот. Кога ќе му дозволиме како пријател да биде со нас во нашите работи, нашите планови и секојдневниот живот, тогаш сè ќе има поинаков акцент и ќе бидеме поопуштени во нашите грижи.

На Воскреснатиот Христос можеме да сметаме како и досега низ историјата и покрај бурните времиња и закани за човештвото. Секоја генерација има своја борба и свои предизвици. Но секоја борба која се води во корен е против човечкото достоинство и против Божјото создание. Така и оваа наша генерација се соочува со предизвикот на вештачката интелигенција, на која нашето општество допрва ќе треба да дава морални, етички и правни одговори во кои технологијата мора да биде во служба на човекот, а не обратно и да се зачува човечкото достоинство и животната средина. Сведоци сме и на обидите за испишување нова антропологија и да се исфрли Бог, Вистината од научната дискусија. Тука е и нуклеарната закана, која е неприфатлива опција во уредување на меѓународните односи и е во спротивност со принципите за почитување на човечкиот живот и достоинство и дарот на Создаденото.

Токму затоа Воскреснатиот Христос од нас бара промена на срцето, да се свртиме кон Него и да го препознаеме Воскреснат. Само така ќе можеме да ја промениме логиката на размислување и однесување. Само ако го препознаеме дека Христос е жив и Воскреснат ќе можеме да бидеме повеќе Божји, а помалку световни, повеќе ќе копнееме за вечното, отколку за минливото, само така ќе можеме да го бараме небесното, а не земското.

Во сите тие наши борби знаеме дека не сме сами и сме сигурни дека Бог е верен и никогаш нема да нѐ напушти. Христос ни вели дека е со нас до свршетокот на светот! (сп. Матеј 28,20) Се надеваме на Воскреснатиот Христос без оглед на предизвиците со кои треба да се соочиме.

Охрабрен од таа надеж на сите ви посакувам честит и благословен празник Воскресение Христово – Велигден! Христос воскресе. Алилуја, рече во Велигденската проповед скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх Киро Стојанов.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ