–
Оркестарот на Македонската Филхармонија денеска повторно ќе одржи протест пред Министерството за култура, бидејќи, како што соопштија, уште немаат конкретен одговор, ниту решение во врска со одлуката новоформираниот Џез оркестар просторно да биде сместен во објектот на Филхармонија.
Од Филхармонија посочуваат дека изминативе два месеци се мета на остри напади чија основна цел е ширење лаги и дезинформации со кои се прави дефокус од суштината, аргументите и фактите.
-Во овие јавни напади и понижувања на вработените и нашата институција, нема ништо коректно и издржано, напротив се пласира елементарна неукост и непознавање на „материјалот”, се шири говор на омраза за нашата институција, јавно се повикува на бојкот на нашите концерти. Некој свесно и оркестрирано сака да го избрише и фактот дека од самиот почеток им даваме поддршка на нашите колеги џезери и дека немаме ништо против тоа да одржуваат концерти (без никаков надомест) во нашиот објект, велат од Филхармонија.
Како што појаснуваат, јавноста ја дезинформираат луѓе кои никогаш не стапнале во објектот на Филхармонија, ниту пак биле на некој од нивните концерти. Тие додаваат дека се против одлуката просторно да се смести уште една институција на нивната адреса.
-Деновиве беше извртена и симболиката на жолтите ленти, повторно на ист начин – со ширење лаги и инсинуации. Нивниот оркестриран обид за дефокус од проблемот, нема да не поколеба, ние сме сплотени како никогаш досега и ќе се бориме одлучно, со факти и аргументи против нетраспарентната одлука која Министерството за култура ја донесе зад затворени врати. Ова не е политичка борба и ниедна политичка партија не стои зад нашите ставови и цврста определба. Ова не е борба против нашите колеги! Ова е заедничка борба на 108 вработени во Филхармонија против штетната одлука која ја донесе Министерството за култура, велат од Филхармонија