Скопје денеска одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога животот го загубија 1 070 лица, а 3 000 беа повредени.
На 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, со помали потреси до пет часот и 43 минути. Притоа, беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200 000 луѓе остана без покрив над главата.
По трагедијата на Скопје, Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје.
Обединетите нации презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град.
На 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. Подоцна, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје, во која се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.