Под мотото „Само сонот е стварност“, од 20 до 27 август во Скопје ќе се одржи 17. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Програмата ќе се одвива на пет локации: Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албанскиот театар.
Фестивалот официјално се отвора на 20 август во 20:30 часот во Куршумли ан со проекциите на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Билетите за филмското отворање се веќе распродадени, а истото важи и за македонската премиера на филмот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски закажана за 23 август.
Земја во фокус годинава е Шпанија, чија програма ја отвораат филмовите „Амилкар“ на Мигел Еек и „Роење птици“ на Ксавиер Марадес на 21 август во Куршумли ан. Покрај проекциите, двајцата автори ќе одржат и мастер-клас за современите пристапи во документарниот филм.
Во рамки на фестивалот ќе се одржи и специјален разговор во спомен на филмската критичарка Илинденка Петрушева на 22 август во Сули ан, како и две значајни панел-дискусии во „Лабораториум“. На 24 август ќе се дебатира за културната инфраструктура и недостигот од киносали во Скопје, додека на 25 август меѓународни експерти ќе разговараат за улогата на филмската критика во ерата на алгоритмите. Целосната програма е достапна на официјалниот сајт makedox.mk.


