Државниот завод за ревизија го објави конечниот извештај за работењето на Министерството за дигитална трансформација за 2024 година. За сметката на основниот буџет, ревизорите се воздржаа од изразување мислење за финансиските извештаи, додека за усогласеноста со законите и прописите изразија мислење со резерва. Главните причини ги опфаќаат неправилностите при пописот на средствата, неспроведениот делбен биланс со Министерството за јавна администрација, неосигурениот имот, задоцнетото евидентирање на обврските кон добавувачите, неекипираноста на внатрешната ревизија и утврдените слабости во јавните набавки.
Спротивно на ова, за сметката на буџетот на донации наменета за проектот „Центар за побезбеден интернет“ (MK Safe Net), ДЗР изрази позитивно мислење (мислење без резерва) и за финансиските извештаи и за усогласеноста со законите. Дополнително, ревизијата го нотира континуираното спроведување на стратешките ИКТ проекти, како што се Платформата за интероперабилност, Системот за управување со документи (ДМС), државната Cloud платформа, Централниот регистар на население и центрите „Една точка за услуга“.


