Со традиционалниот поздрав со кромид во рака и пред преполн Куршумли ан, синоќа беше официјално отворено 17-тото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Под мотото „Само сонот е стварност“, фестивалот во следните осум дена, од 20 до 27 август, ќе понуди богата програма на повеќе познати локации низ Скопје.

Пред почетокот на проекциите, пред публиката се обратија Дарко Набаков и Сара Ферро во име на целата екипа. Набаков истакна дека соништата се тие што нè тераат да ја менуваме реалноста и да создаваме, додавајќи дека овогодишното мото е посветено на книгата на истакнатата филмска критичарка Илинденка Петрушева – Бабе. Нејзината внука, Сара Ферро, се осврна на вечната љубов на Петрушева кон киното и поддршката за младите автори, порачувајќи дека документарниот филм е живо сведоштво за времето во кое живееме.

Филмската програма започна со краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим, кој носи интимен портрет за борбата за опстанок на едно семејство во Куба. Вечерта заврши со музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ со настапот на Саша Латука и Емил Петро, како и диџеј сет на Зоки Бејбе.

Фестивалските настани во наредните денови ќе се одвиваат во Куршумли ан, Сули ан, пред Музејот на Македонија, како и во „Лабораториум“ и Албанскиот театар.


