Општина Карпош од утре, 20 август, па сè до 30 август ќе пулсира во ритамот на музиката, филмот и уметноста во рамките на најновото издание на манифестацијата „Карпошово културно лето 2026“. На повеќе препознатливи локации низ општината, граѓаните ќе можат да уживаат во богата десетдневна програма која го поврзува македонското творештво, традицијата и современите урбани содржини.

Свечено отворање и музички ѕвезди Официјалниот почеток на фестивалот е закажан за 20 август (четврток) во 20:00 часот на плоштадот „Делфина“ во Влае, каде публиката ќе ја забавуваат Александар Тарабунов – Тара и групата „Нокаут“, придружувани од диџеј-програма. Музичкиот мозаик во наредните денови ќе го надополнат познати имиња како Игор Џамбазов и Гуру Харе, Дац и Александар (со специјалните гостинки Маријана и Росана), Тумбао Салса бенд со Сашо Гигов – Гиш, како и бендот Day Off.
Кино на отворено и уникатни изложби Еден од клучните столбови на програмата е „Карпош кино на отворено“, кое ќе биде лоцирано во дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“. Програмата започнува на 21 август со проекција на филмот „Приказна за Силјан“, а во текот на деновите ќе бидат прикажани и остварувања како „Медена земја“, „Исцелител“ и „Балкан Кан“.
Љубителите на ликовната уметност ќе можат да погледнат ексклузивна изложба на 25 театарски плакати од личната колекција на Горан Стефановски, како и патувачката изложба на циркуларна уметност „ReART“, која ја истражува креативната реупотреба на електронскиот отпад.
Забава за сите генерации Програмата не ги заборава ниту најмладите, за кои се предвидени настапи на детскиот фестивал „Поточиња“ и интерактивната работилница „Нашето маало – #СоздавамеЗаедно“. За љубителите на фолклорот, на 29 август во Бардовци ќе се одржи фолк вечер со Миле Кузмановски, Зуица Лазова и Душко Георгиевски.
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, нагласи дека целата програма е олицетворение на македонското културно наследство и традиција. „Упатувам отворена покана до сите карпошани и сограѓани – бидете со нас, посетете го киното на отворено, бидејќи ветуваме добра забава и незаборавни доживувања!“, порача Лукровски.
Програмата ќе се реализира на повеќе точки, вклучувајќи ги платото на „Млечен“, Кинотеката, Бардовци и просторот кај ФИНКИ. Сите дополнителни информации ќе бидат достапни преку официјалните канали на Општина Карпош.
Целата програма можете да ја видите тука


