24/11/2024
ПочетнаКултураПолска вечер на „Охридско лето“ со пијанистките Ана Миерник и Јоана Сохачка

Полска вечер на „Охридско лето“ со пијанистките Ана Миерник и Јоана Сохачка

На понудата од музичката програма на 64-тото издание на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва е настапот на полските уметнички на пијаното, Ана Миерник и Јоана Сохачка.

Ана Миерник има настапувано во четириесеттина земји на сите континенти. Во 2015 година настапува во „Карнеги Хол“ во Њујорк. Одржува концерти во престижни концертни сали како во Сиднејската опера, Националниот театар во Лима, Палатата „Белес Артес“ во Мексико и др. Како дел од програмата „Ел Система“ настапува со симфонискиот оркестар „Хуан Хосе Ландаета“, како и со Националниот симфониски оркестар во Аргенитна, Државниот оркестар во Мексико, оркестарот во Јукатан, Црногорскиот симфониски оркестар, Оркестарот на РТВ Албанија, Филхармонијата во Марчигиана, како и повеќе оркестри во Полска, Аргентина, Шпанија, Бугарија, Венецуела и Перу. Настапувала во Отава и Калгари во Канада, во Канбера, Сиднеј, Мелбурн, Бризбејн и Перт во Австралија, Велингтон во Нов Зеланд, во Виена, Париз, Рим, Бари, Мајами, Сао Паоло, Бразилија, Буенос Аирес, Богота, Лима и Сантијаго де Чиле.

Јана Сохачка критиката ја опишува како уметник кој „не само што свири, туку живее во музиката“ и како „пијанист кој ги истражува звучните светови со интелигенција и пијанистичка култура“. Сохачка веќе ја има освоено публиката во многу земји Англија, Франција, Австрија, Бугарија, Германија, Чешка, Шпанија, Швајцарија, Естонија, Холандија, Италија, Молдавија, Израел. Настапувала во престижни концертни сали како „Карнеги Хол“ во Њујорк, Националниот форум за музика во Вроцлав, „Ројал Алберт Хол“ во Лондон, „Бетовен хаус“ во Бон, Националната филхармонија во Кишињев, Националната филхармонија во Варшава. Таа е носителка на награди и признанија од повеќе од 30 меѓународни натпревари за пијано во Англија, САД, Естонија, Франција, Германија, Австрија, Унгарија, а во 2019 година се закитува со прва награда и со сите специјални награди на натпреварот за пијанисти во Падова, Италија.

За вечерашниот концерт за четирирачно пијано е резервирана сцената во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ