Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, упати честитка по повод одбележувањето на 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците.
Во својата порака, Стоилковиќ нагласи дека овој ден не претставува само симболичен датум, туку жив потсетник на истрајноста, културната самобитност и значајниот придонес на бошњачката заедница во изградбата и развојот на македонското општество.
„Бошњачката заедница со својот придонес во културата, образованието, економијата и јавниот живот е пример за вредности како соживот, дијалог и солидарност – вредности кои се од суштинско значење за нашата држава,“ истакна Стоилковиќ.
Тој додаде дека Министерството за односи меѓу заедниците ќе продолжи со својата посветеност во заштитата на правата на сите етнички заедници, како и во градењето услови за посилна социјална кохезија и меѓуетничка интеграција.
„Меѓународниот ден на Бошњаците е повик и поттик да продолжиме да ја градиме заедничката иднина врз основа на разбирање, еднакви можности и заемна почит,“ порача заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците.