12/03/2026
ПочетнаМакедонијаДржавниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во работењето на Државниот инспекторат...

Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во работењето на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам

Државниот завод за ревизија објави конечен извештај за финансиските извештаи и усогласеноста на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за 2024 година, изразувајќи мислење со резерва за двете категории. Ревизорите утврдиле дека институцијата се соочува со сериозен кадровски дефицит, особено во секторот за градежништво каде во моментот работи само еден инспектор кој до крајот на 2025 година треба да оди во пензија, што претставува ризик за понатамошно вршење на надлежностите. Слична е состојбата и во секторот за урбанизам каде се пополнети само две од осумте предвидени позиции за инспектори.

Покрај кадровските проблеми, ревизијата нотира и слабости во начинот на раководење бидејќи од 2018 година па досега со Инспекторатот управуваат вршители на должност директори на периоди подолги од законскиот лимит од шест месеци. Оваа пракса создава ризик институцијата да биде водена од лица кои можеби не ги исполнуваат сите законски услови за функцијата. Дополнително, утврдени се неправилности во внатрешните финансиски контроли, вклучувајќи го и фактот дека воопшто не се назначени лица за вршење на задолжителната финансиска контрола.

Финансискиот дел од извештајот открива пропусти при вршењето на пописот на средствата, каде пописните листи биле непополнети и непотпишани, а не била извршена ниту проценка на пазарната вредност на деловен простор од над 408 м2 што го користи Инспекторатот. Ревизорите исто така изразија сомнеж во веродостојноста на исплатените плати бидејќи електронскиот систем за евиденција на работното време не давал точни податоци, а евидентните листи за присуство не биле потпишани од вработените.

Во извештајот се нагласува и промената на правниот статус на институцијата, која со законски измени престанува да биде независно правно лице и продолжува да функционира како орган во состав на Министерството за транспорт. Ревизијата укажува и на слаба меѓусебна координација со локалната власт, при што во голем број случаи општините воопшто не доставувале повратни информации до Инспекторатот за преземените мерки по неговите налози. За сите утврдени состојби се дадени препораки за подобрување на работењето, а одговорните лица на Инспекторатот не поднеле забелешки на наодите во извештајот.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ