Новата учебна година започна денес за околу 238 илјади ученици, од кои 14.952 се првачиња. Наставата ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите кои ги завршуваат обврските на 17 мај.
Од Министерството за образование информираа дека навремено се обезбедени сите 622 илјади побарани учебници, а за прво, второ, трето, осмо одделение и втор клас гимназија доставени се целосно нови материјали според новите програми.
Според нив условите се подобрени со воведување едносменска настава во 620 училишта, додека во 14 објекти се прошируваат капацитетите. За поголема инклузивност, ангажирани се рекордни 1.358 асистенти во основното и 166 во средното образование, а овозможена е и онлајн настава за децата на подолго лекување.
Поради намалениот број ученици, 26 подрачни училишта се времено затворени и направена е оптимизација со спојување на 433 паралелки, при што ниту еден редовно вработен наставник не е отпуштен.
Вработените во образованието во март 2027 година ќе добијат ново покачување на платите од 7,5% до 10%. За поддршка на семејствата, училишниот прибор овој септември е поевтин за 15%, а во октомври следуваат конкурсите за ученички стипендии.


